Monday, August 4, 2008

Сколари и Челзи - дрим капл?

Најпрво, Сколари објави дека доаѓа во Челзи во се чини непотребно искомпликувани околности, уште додека траеше Европското првенство, и додека сеуште Португалците беа во игра. Многумина и денес го обвинуваат тајмингот на објавата на Бразилецот како еден од факторите кој придонел за прераната елиминација на Португалците. Дали е тоа така или не, можеме дополнително да дискутираме, но не денес и не овде. Но имала или немала влијание таа објава на Сколари, факт е дека постоеја и поелегантни начини да се направи тоа. Како и да е, Сколари дојде на местото на Аврам Грант, кој според мене создаде еден многу поопасен и понепредвидлив Челзи од оној на Мурињо и тоа и во англиски и во европски рамки. Оние што ги бројат титулите веројатно ќе имаат друг аршин за нештата, но англискиот фудбал секогаш барал многу повеќе од себе отколку само игра на резултат. А и треба да се биде фер, па да се признае дека Грант баш и немаше рамноправен старт во целата работа. Сепак и покрај се, секоја чест за постигнатото. Израелецот ги доведе Челзи до прагот на три титули: во Лига Купот, Премиер Лигата и Лигата на Шампионите. И во трите случаи Грант и Челзи не успеаја докрај да се радуваат и беа совладани од: вратените самодоверба и глад на Тотенхем под водство на големиот Хуанде Рамос, постојаната форма на Манчестер Јунајтед преку целата сезона, и пеналот на Џон Тери во последната серија; респективли. Ниеден противник од овие воопшто не е за потценување, посебно пеналот на Тери. Против него навистина не постои вистинска одбрана.

Што ќе донесе Сколари во Челзи?

Се изнагледавме почетоци на нови ери во Премиерлигата последниве неколку години. Неколку револуции беа бомбастично најавувани од гладниот печат. И на менаџерски и на финансиски план. Нејсе. Но, со сиот товар на себе, првите впечатоци зборуваат дека Сколари сепак ќе донесе подобрување кај Челзи. Таквото чувство пред се се наметнува поради тактичката поставеност на играта која барем во подготвителните натпревари ја форсира Сколари. Случајно или не, Бразилецот и кога работеше со Португалците стегаше со 4-5-1, обидувајќи се целосно да ја исцеди креативноста, техниката и темпото на играчите од средниот ред. Страничните бекови во таа формација играа како полукрила, па така Португалија добиваше и до 7 играчи во напад, исклучувајќи го шпицот, кој во таа игра повеќе беше свртен со грб отколку со гради кон противничкиот гол, првенствено обидувајќи се да создаде простор за уфрлање на останатите 7 напаѓачи. Но, и кој разумен би очекувал Нуњо Гомеш да направи нешто поконкретно против противнички одбрани? Како и да е, таквата формација изгледаше доста офанзивно, но во исто време и доста отворено, за што Португалците платија баждарина уште рано на турнирот, во првата пресметка со пристојна репрезентација.

Сега на Сколари во Челзи ќе му биде многу полесно да ја турка својата омилена формација, зашто Челзи имаат одлична база играчи што би функционирале на позициите во еден таков систем. Мене искрено ме радува таа промена кај Челзи, кој со Мурињо беше можеби еден од најдосадните тимови за гледање, далеку под очекувањата за возбудливост на тим со долг од 600 милиони фунти.

Она на што може да се разложи таа формација се:

- чудо од голман (и покрај падот на формата во минатата сезона, Чех е далеку над мерката за пристоен голман и со право сите очекуваат од него уште многу битни одбрани);

- двајца рилајабл дифенс мајндед централни дефанзивци (Карваљо, Тери и Алекс целосно ги покриваат потребите. Плус Тери и Алекс се опасни и при прекини во напад, освен кога на Тери од необјасниви причини ќе му се дозволи да шутира пенал. Исто прекин, исто напад, ама ете... Челзи се ослободија од Бен Хаим, но тој отсекогаш бил далеку од рилајабл. Нек си чука главата со него сега Хјуз. Уште тука е и скапоплатениот, но сеуште неиспробан Ивановиќ);

- двајца летечки странични бекови со посебен акцент на усулот за одбрана (Челзи ќе мора да направи избор од кошот со Кол, Белети, Фереира, Бриџ и новото засилување Босингва. Во суштина, само Ешли Кол од овие петмина ги поседува потребните квалитети за да ја покрива оваа позиција на начин на кој Сколари би сакал да биде покриена. Единствено тој поседува брзина, атакинг флер и способност за одбрана. За скапоплатениот Босингва кој не ја покри таа позиција убедливо на Европското првенство допрва ќе гледаме, слушаме и пишуваме, ама тој се чини неподготвен за одбрамбените задачи, слично како што Белети и Фереира имаат дефицит од брзина и атакинг флер. На крајот, тука е Вејн Бриџ кој за жал не доби вистинска шанса во Челзи, од за мене сеуште нејасни причини. Иако мислам дека за овие барања, тој е веднаш под Кол на листата. Ќе видиме дали и Сколари мисли исто, макар што не верувам. Ај баш. Ако не му текне, штетата ќе биде само негова);

- еден разбијач со десет нозе (Клучна позиција поради аут-енд-аут сетапот на формацијата. Сколари во Португалија го имаше Петит, сега овде по заминувањето на истрошениот 35-годишен Макелеле е пред се Есиен, но и Балак. Точно е дека на таа позиција неприродно за неговите потенцијали и талент играше и Оби Микел, но тоа секогаш се покажуваше како погрешна идеја. Тешко на оној Челзи кој на сидро ќе го има Микел. Како со малото прсте да се обидеш да затнеш кинеска речна брана);

- две мидфилд динама (Лампард, Балак и сега Деко. Што да се каже... Крстоносците се собрале на едно место. Макар што цврстината на Деко во Англија за мене е ризичен експеримент. Далеку од ум дека дефанзивците и разбијачите у Англија ќе му дадат толку слободен простор на Деко како во Португалија или Шпанија без да удри во некој подвижен ѕид. За волја на ростерот, овде може да се нареди и Микел, ама кого го интересира?);

- две амбициозни и остри крила (Џо Кол, Малуда, Рајт-Филипс па и Калу. Нидлес то сеј, покрај Џо Кол, тешко дека Сколари ќе има соодветен избор за овие позиции. Малуда никогаш не заигра, а Рајт-Филипс никогаш не порасна како што од нив се очекуваше во Челзи. Затоа, сосема разбирливо е кокетирањето со Робињо цело лето. Деновиве и со Симао, веројатно како резервна и слајтли поевтина варијанта. Дури и јас сум убеден дека Робињо ќе заврши голема работа ако дојде во Челзи. Барем за клубот. Засега се изгледа дека така и ќе бидне. А Калу е само колатерална штета. Како Кајт што си го окрка штом му падна в раце на Рафа. Ах, си го испуштија Челзи златен Робен за вакви работи...);

- еден шпиц кој може и сам да изгледа сериозно пред противничка одбрана (Една од предностите за оваа формација во Челзи споредено со ростерот на португалската репрезентација е фактот што вели дека најекспонираните шпицови во Челзи се типови на играчи кои најдобро играат кога се оставени како единствени во нападот. Дрогба, Анелка и Шевченко се класични централни поучери кои покрај тоа што знаат да создадат простор за другите, знаат и сами да одиграат низ одбрана, и со глава и со нога. Малку е веројатно дека двајца од нив во нормални услови истовремено би играле, но кој и да игра, ќе може во целост да ги комбинира своите добри страни и можностите на формацијата. Тоа на најдобар начин го докажува дури и играч како Николас Анелка, кој вчера во таква формација му даде 4 гола на Милан. Отварам цитат: И за сите вас сокераши, третата статива на голот на Милан се вика Калач. Жељко Калач. Затварам цитат. Дрогба, очекувам, ќе биде уште поопасен. И не е чудно што Сколари не се откажува од ниеден од нив. Ако досега не е, очекувам Дрогба да потпише нов договор со клубот, исто како што очекувам и Шевченко да најде причина да остане. Наместо тоа, Челзи го нудат насекаде Пизаро, кој реално не би се снашол најдобро во таква формација. Калу, веројатно, ќе покрива или некакво крило или ќе чека како 4-напаѓач во пекинг ордерот на Сколари. Да е здрав и жив Лига Купот).

Иако Челзи можат да се пофалат со сосема пристоен избор играчи за сите позиции со потребните карактеристики, сепак ми се чини дека Сколари до крајот на преодниот рок треба да поработи на покривање на страничните места, и напред и назад. Робињо ќе заврши работа, и добар знак е што Челзи се аут дер по таков тип на играч. Затоа верувам дека спојот на Челзи и Сколари е природен и претпоставува успех. Ништо друго од Сколари и не се очекува. Во иднина ќе имаме мегдани да видиме и како Сколари проаѓа во клупскиот европски фудбал. Во секој случај, очекувам повозбудлив Челзи, за уште една победа на убавината и забавата во фудбалот. После тоа ќе остане само потопот. И Рафа.

No comments: