Tuesday, August 5, 2008

Нова историја или чекор наназад?

Привју 2008-2009: Блекбурн Роверс.

Овој клуб се наоѓа во незавидна ситуација. Иако неколку години по ред играше сосема солидно со пласмани во горната половина и со 60-тина освоени бодови, пред нив е во најмала рака нова ера.

Ги напушти тренерот Марк Хјуз, кој ги водеше 4 години и кој има втор најдобар процент од сите тренери на Блекбурн од 44% победи (после Кени Даглиш од почетокот на деведесетите, со 52%). Потрагата по негов наследник вклучуваше серија на атрактивни имиња во Стив МекЛарен, Дик Адвокат, Сем Алардајс и Хенк Тен Кат. Но управата се реши за Пол Инс. Исто како и неговиот претходник, и Инс беше поранешен играч на Манчестер Јунајтед и ученик на Алекс Фергусон. Инс дојде од Донс, со кој го освои првото место во Лигата Два, и каде неколку пати беше наградуван како менаџер на месецот. Но сепак Лига Два не е баш исто со Премиер лигата.

Но освен смената на тренерот, се чини поголем удар е политиката во текот на летото со која клубот одвај покажува некаква активност во поглед на формирање на ростерот за сезоната која претстои.

Дојдоа Пол Робинсон (голман од Тотенхем), и во последните неколку дена ги ангажираа на позајмица Карлос Вилнева (Офанзивен играч за врска, од Аудакс Италијано), и Дани Симпсон (Бек, од Манчестер).

Заминаа Дејвид Бентли (во Тотенхем), Бред Фридел (во Астон Вила) и не толку битните Пет Енкелман, Стефан Хенчос и Бруно Бернер.

Не знам со која формација би настапувал Инс сезонава, ама за полесна анализа на ростерот ќе ја земам дифлот 4-4-2.

Голман. Една од промените во тимот е и оваа позиција. Си замина еден од најстандардните голмани во Премиер лигата последниве 4-5 сезони. Во кои редовно бележеше по 38 настапи. А на негово место дојде лабилниот Пол Робинсон. Типот, рака на срце, има изиграно солидни натпревари (дури и постигна гол пред две сезони), ама има правено такви утки, да се чудиш. Неговата кариера може да продолжи во два правци: Да се мачи пола/цела сезона, да го решетаат, да изгуби самодоверба „скроз“ и да изгуби првотимски статус. Тоа е едната. А другата е да проработи „ван-дер-сар“ во него, и да се врати во врвот на листата топ-голмани (Ова со вандерсар го велам затоа што после катарљонот грешки со Фулам, во Манчестер игра/ше ко препороден).

Одбрана. Самба би требало да биде носител на одбраната, заедно со Рајан Нелсен. А како алтернативи се фаци од типот на Мокоена и Ворнок. Бекови би требало да играа Андре Ојер и новиот Дани Симпсон. Останати играчи во ростерот од одбраната се само уште Кизанишвили и Кан. Не е катастрофална одбранава, ама сепак е премногу плитка. Си требаат барем уште 2 играчи, еден бек и еден ЦД.

Среден ред. Ударот наречен Бентли-аут се чини брзо го решија со ангажманот на Карлос Вилнева. Доаѓа од Чиле, има 22 години и за тој-некој-си-клуб кај шо играл на 120 натпревари дал преку 50 гола (да, играч од среден ред). Сега колку тој клуб и таа лига можат да бидат репер за неговите квалитети, не знам, но сепак има добра можност да покаже што знае. Во клубот остануваат солидните Дан и Морен Гамст Педерсен (како солидни фаци за клуб од средината на табелата), а тука се уште Керимоглу, Вогел и Рид. Во зависност од изборот на формацијата, Инс може да смета и на лево-крилниот играч Серџо Петер. Германецот со своите 21 година ретко настапуваше во минатото, но доколку добие солидна шанса мислам дека ќе знае да ја искористи. Ми се чини дека има можност за успех, во евентуална 4-5-1 формација.

Напад. Роке Санта Круз е човекот кој блескаше во првата сезона во Англија. Доколку не успее Хјуз да си го земе во Сити, или пак Фергусон во Јунајтед, или било-кој-друг-било-каде, ќе биде главен играч и оваа сезона. Брз е, стабилен е со топка, игра добро и со глава, има и „сидрашки“ предиспозиции. Не знам дали ќе партнерува во нападот со некој (Бени Мекартни, Риџерс, Галагер или Робертс) или пак ќе биде партнер со евентуалните офанзивни крила (Вилнева, Гамст, Петер). Во секој случај има солидна база на играчи во овој сегмент. Се разбира добро би дошол уште еден хит-ман од типот на Дефо, Тевез или Роби Кин. Но, тоа може да го исполни и Мекартни ако се врати во врвот на својата форма.

Има Инс доста работа, особено во почетокот. А тогаш и притисокот е најголем. Евентуални 2-3 порази во серија ќе го качат коефициентот на кладилниците за „следен отказ“. А тоа никој од клубот не го посакува. Особено, пак ќе речам, после сосема солидните три претходни сезони. Затоа нека побрза додека има време за воигрување, и да си купи некој одбрамбен играч, плус некој шпиц. И да го задржи Санта Круз.

Прогноза: 9-11 место.

No comments: